Пресметката на Милан и Наполи в сабота од 20.30 часот ќе ја одбележи саботната понуда од второто пролетно коло на Спортската прогноза. Од вчера веќе можете да почнете да типувате и ако бидете успешни, да добиете вредни награди. Прогнозирањето трае до почетокот на првиот натпревар од популарната тринаесетка, а тоа е сабота, во 15.30 часот.
На менито повторно се 13 фудбалски натпревари од европските лиги, плус два резервни пара. Милан и Наполи се блиску на табелата, „наполитанците“ се втори, „миланезите“ четврти, но разликата во бодови е 13 во корист за тимот од југот на Италија. Пред 30-тина години, битките на овие два тима значеа и битка за титула во Серија А, а сега се борат за директен пласман во Лигата на шампионите. Милан оди по третата победа едноподруго во првенството.
Милан во нападот најверојатно ќе биде предводен од новакот Кжиштоф Пјонтек. Полскиот голгетер ако ги комплетира документите, ќе дебитира за Милан веќе в сабота и ќе има еден куп мотиви за докажување.
Наполи сезонава нема ниту еден нерешен резултат на гостувањата. На клупата им е Карло Анчелоти, екс фудбалер на Милан, и тоа токму од 80-тите, кога „росонерите“ водеа битки со Наполи и Диего Марадона и другарите за Скудетото. Но, последната победа на Наполи на гости е на 16-ти декември против Калјари.
Традицијата е на страната на Наполи. Милан не славел против Наполи од декември 2014 година наваму. На последните три гостувања на „Сан Сиро“, Наполи победи двапати, а еднаш беше нерешено.
Првата награда за секое коло е прекрасниот мобилен телефон iPhone XS, а за да го имате во колекцијата, треба да ги погодите сите 13 двојки.
Со 12 погодени парови следува уште една многу вредна награда, моблен телефон Samsung Galaxy A6 2018.
Во секое коло има и ваучери за погодени 11 и 10 парови, а со континуирано учество ќе останете во игра за првите пет позиции во Генералниот пласман на популарната 13-ка, кои исто така носат вредни награди.