Милан на убедлив начин, со победа од 4-1 на гостувањето кај Лече, им се врати на лигашките натпревари во Серија А. По поразот во Купот на Италија, Милан му се истури на тимот кој прима 11 гола на последните два меча во првенството, откако на 1 март Аталанта им даде дури седум. Гостите од Милано имаа 11 шута во рамките на голот, па Лече може да биде и задоволен што прими „само“ четири голови.
Милан и на претходното лигашко гостување на „Виа дел Маре“ во октомври 2011 година постигна четири гола, но тогаш отпорот на домашните беше посилен, па средбата заврши 4-3. Лече е омилен ривал за Милан. Росонерите славеле на 19 од 32 пресметки со овој противник, а загубиле само трипати.
Со оваа победа, Милан се изедначи по бројот на бодови со шестиот Наполи, но освојувачот на Италијанскиот куп има и еден меч помалку.