Наполи и Милан ремизираа 2:2 во дербито од 10-тото коло во италијанската Серија А. По овој резултат, актуелниот првак Наполи сега има 18 бода и е на четвртото место на табелата, додека Милан е трет со 22 бода. Интер е лидер со 25 бода.
Милан може да жали што не победи бидејќи Росонерите беа тие коишто имаа водство од 2:0 на полувреме. Искусниот Оливие Жиру уште еднаш покажа дека е многу опасен иако има 37 години. Францускиот голгетер прво погоди во 22-рата минута, а девет минути подоцна веќе беше 2:0 за гостите.
Наполи како да почна да игра во вториот дел. На полувреме беа направени три замени, меѓу кои беше и повлекувањето од игра на Елиф Елмас. Политано погоди за 1:2 во 50-тата минута, а Распадори со голот од слободен удар во 63-тата минута израмни на 2:2.
До крајот на средбата двата тима имаа шанси за трет погодок, а буквално во последната секунда од дуелот, Кварацхелија имаше стоостотна шанса за да донесе целосен пресврт, но голманот на Милан одбрани со нога и резултатот остана 2:2.