Некогашниот европски и италијански првак Милан е во незавидна ситуација. Според пишувањата на италијанскиот „Кориере дело спорт“, финансиската ситуација кај Милан воопшто не е добра. Анализите покажуваат дека „росонерите“ само во изминатава сезона имале загуба од 100 милиони евра.
Седумкратниот континентален шампион уште ја чека пресудата на жалбата која ја има вложено по одлуката на УЕФА да го казни поради кршењето на финансискиот ферплеј. Дури и да биде усвоена жалбата на Милан, тоа нема да биде спас на некогашниот гигант од „Сан Сиро“.
Во последните три години се сменија тројца газди во Милан. Легендарниот Силвио Берлускони си замина и го остави клубот на кинескиот бизнисмен Јонгхонг Ли, кој поради финансиски проблеми мораше да го предаде клубот на „Елиот менаџмент фонд“.
„Кориере дело спорт“ открива дека во изминативе пет години загубите на Милан достигнуваат и до 413 милиони евра. Најголеми се загубите во сезоната 2017/18, кога тие изнесувале дури 126 милиони евра. Поради финансиските проблеми, Милан е принуден драстично да го намали буџетот за доведување нови играчи.
Според најавите, за летниот преоден рок Милан не ќе може да си дозволи да потроши повеќе од 45 милиони евра за доведување нови играчи. Овој буџет е на рангот на буџетите кои ги имаат второлигашките екипи во Англија или прволигашки клубови во топ 5 лигите кои се борат за опстанок или се во долниот дел од табелата.