Најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија, Вардар продолжува да ги исплаќа долговите кои беа натрупани во изминативе неколку години. Со исплаќањето на долговите продолжува деблокадата на сметката на клубот, која беше „заробена“ во последните осум години.
Претседателот на Вардар, Миленко Неделковски, брифираше кои долгови се регулирани денеска, но тој изрази и незадоволство од сите оние кои добиле пари од Вардар.
„Клубот сериозно се впушти во финансиската консолидација, што, пред сè, значи исплаќање пари кон луѓето што ни ја имаат блокирано сметката со извршни решенија.
Лично, како човек, ме погодува фактот дека НИТУ ЕДЕН од тие што примија огромни суми пари не најде за сходно еден мал дел (од каматите ако не од главницата) да донира за фамилиите на настраданите од Кочанската трагедија?! Или да донира за деца без родители или за Младинската школа на Вардар!!! За жал, тоа е реалноста за тие ликови“, е реакцијата на Неделковски споделена на сајтот на Вардар.
Од денешните направени исплати, Вардар ги одвои оние кон:
1. Билјана Блажевска – 1.662.502 денари
2. Телеком – 181.212 денари
3. Сарана Трејд – 2.314.142 денари
4. Бојан Захариев – 1.400.000 денари плус камати.