Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар неодамна се пофали дека има нов сопственик во името на Атила Бижен Жалили кој е инвеститор од Унгарија. Тој доби 85 отсто од акциите на Црвено-црните и најави дека Вардар ќе биде издигнат на место на кое заслужува да биде.
Во соопштението од Атила, беше потенцирано дека тој решил да инвестира во Вардар по препорака на Миленко Неделковски кој е раководител на проектот. Неделковски му дал одлични аргументи зошто треба да биде на чело на клубот.
Токму Неделковски вчера беше гостин на еден од малкуте спортски подкасти во Македонија, подкатот footcast.mk каде зборуваше за ситуацијата во Вардар. Во еден момент, Неделковски се осврна на луѓето кои имаат побарувања од Вардар, односно оние на кои Црвено-црните се должници.
Голема е листата на кои Вардар е должен, а Неделковски откри имиња и на некои големи фудбалски легенди кои се во редот што чекаат исплата од Црвено-црните.
„Овој список овде, луѓето кои се на овој список имаат забрана за влез на Северна трибина на стадион. Може да си купат карта и да одат на Јужна. Овие се луѓе што го блокираат Вардар. Дарко Панчев четири милиони денари, Михајло Костиќ осум и пол милиони денари, Бојан Захариев 3,6 милиони денари, Гоце Седлоски три милиони, иако Гоце се јави сака да го спушти тоа за 30 отсто, Игор Кралевски има но немам расчистено за сумата, Горан Попов 14 милиони 564.000 денари односно 250.000 евра…“, истакна Неделковски во гостувањето на подкастот footcast.mk.
Миленко потоа се пофали дека оваа структура на Вардар нема никакви долгови кон никого. „Сите плати се дадени ден-два пред први во месецот, сите подготовки, сите играчи, се е платено. Сите мечеви оваа сезона ги играме на Градски стадион“, потенцираше Неделковски, кој сепак не можеше а да не признае дека екипата сезонава има очајни резултати и дека играта и резултатите не се на нивото на кое се најавуваше пред почетокот на сезоната.
Целото гостување на подкастот може да го видите во продолжение.