Одбојкарската репрезентација на Македонија ја исполни својата цел и уште еднаш го испиша своето име во историјата на спортот. Во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, избраниците на селекторот Јошко Миленковски без многу проблеми го совладаа тимот на Грузија со убедливи 3-0 во сетови и со тоа обезбедија настап на своето четврто Европско првенство во низа.
По натпреварот, селекторот Миленковски не го криеше своето задоволство.
„Ова е голем ден за македонската одбојка. Натпреварот резултатски не беше тежок, но психолошки имаше голема тежина бидејќи само победа со 3-0 не водеше на Европско. Сакам да нагласам дека огромна улога во овој успех има и претходниот стручен штаб, бидејќи сетот освоен во Атина против Грција и големиот број поени што ги донесоа играчите таму беа клучни во конечната пресметка“, истакна македонскиот селектор.
Тој потенцираше и дека искусниот состав не е проблем, туку напротив – предност.
„Имаме повозразни одбојкари, но тоа носи зрелост и стабилност. Овие момци сè уште можат да играат на врвно ниво. Во Златната лига им дадовме шанса на младите, тие стекнаа големо искуство и тоа е инвестиција за иднината“, додаде Миленковски.