Миленковски најавува борба: Не сме без амбиции во Европската Златна лига

Најдобрите македонски одбојкари денеска патуваат за Братислава каде викендов ги играат првите два натпревари од ЦЕВ Европската Златна лига 2025. Домаќинот на турнирот Словачка и Финска се соочуваат попладнево, додека Македонија во следните два дена ќе ги измери силите со нив.

Селекторот Јошко Миленкоски по пауза од година дена се враќа на клупата на националниот тим. Екипата со која располага е подмладена, а натпреварите од Златната лига треба да и послужат како подготовка за евро-квалификациите во август.

Сепак, момците не влегуваат во натпреварите без амбиции, ќе се бараат што може повеќе победи.

„Најавивме дека Европската лига ќе ни користи како подготовка за квалификациите за Европското првенство меѓутоа не сме без амбиции и во ова натпреварување. Имавме пред две години успешен настап победивме добри репрезентации Хрватска, Белгија… Тие резултати беа добри, опстанавме во Европската лига, еве и уште сме тука. Влегуваме со амбиции, можеби составот е различен од она што претходно го имавме, имаме некои нови лица во репрезентацијата, кои треба да донесат нова свежина, нови ветрови во екипата, има одредени помлади играчи кои ќе добијат шанса и мислам дека сме на добар пат“, вели селекторот Миленкоски.

Репрезентација вечерва во Братислава ќе одработи тренинг додека настапот во годинешното издание го започнува утре кога во 15 часот, во „Гопас Арена“ игра со Финска. Вториот натпревар Македонија го игра в недела, исто така од 15 часот, против домаќинот на турнирот, Словачка.

- Оглас -

Најнови вести