Милер доби „нож во грб“ од селекторот кој пред неколку месеци го молеше фудбалерот да не пензионира

Германија имаше разочарувачки настап на Светското првенство во Катар каде не успеа да ја помине ниту групната фаза. По завршување на Мундијалот, еден од најискусните, Томас Милер најави дека размислува да се пензионира од националниот состав, но селекторот Ханси Флик побара од фудбалерот тоа да го одложи.

Милер кој има 33 години, во 2010 година дебитираше во дресот на Панцерите и досега одигра 121 меча во кои има постигнато и 44 погодоци.Германија сега треба да создаде цврст состав за Европското првенство во 2024 година на кое се домаќини, па токму затоа тие нема да бидат дел од квалификациите.

За да остане во ритам со мечевите, Германија ќе игра пријателски средби, а прв дуел ќе им биде против Перу на 25 март. Три дена подоцна ќе играат и против Белгија, што значи дека селекторот Ханси Флик веќе ја започнува мисијата наречена „Евро 2024“.

Во составот кој планира селекторот да го објави, ќе го нема токму Милер, што секако е изненадување ако се знае дека токму Флик го убедуваше фудбалерот да остане во националниот тим бидејќи уште е потребно неговото искуство и знаење. Стратегот објасни дека тоа што Милер го нема во составот, не значи дека целосно се откажал од неговите услуги.

„Зборував со Томас и му соопштив дека нема да го повикувам за мечевите во март и јуни. Сепак, тоа не значи дека неговата репрезентативна кариера е готова и дека за него нема да има место на Европското првенство“, објасни селекторот Флик, кој сепак непријатно го изненади фудбалерот со неговата одлука.

Во составот на Германија ќе го нема ниту Илкај Гундоган, но во оваа ситуација, самиот фудбалер побарал да го прескокне мартовскиот собир. Играчот на Манчестер сити во следните неколку дена очекува за прв пат да стане татко, па сака да биде со семејството во тие моменти, а Флик без размислување му дал дозвола.

- Оглас -

Најнови вести