Првиот ден од месецот јуни е резервиран за бокс-спектаклот меѓу Ентони Џошуа и Џарел Милер. Светскиот првак во тешка категорија во четири верзии (ВБА супер, ВБО, ИБФ и ИБО) за првпат во својата кариера ќе боксува надвор од Велика Британија, а своите вештини во борбата за ВБЦ појасот ќе ги покаже во култниот „Медисон Сквер Гарден“, во Њујорк.
Атмосферата веќе се вжештува, Милер прв почна да провоцира и се закани дека ќе го „прегази“ Џошуа, дури даде детален опис како ќе го победи британскиот боксер.
„Џошуа досега се нема борено со боскер како мене. Боскерската интелегенција и добрата одбрана се на мојата страна. Имам лавовско срце, можам да му создадам огромни проблеми. Мојата цел е да го „прегазам“, како што Тајсон го направи тоа против Френк Бруно во 1996 година. Бруно тогаш се бореше како светски првак, а Тајсон го смачка, истото ќе му го направам на Џошуа“, вели Милер.
Во својата кариера, Милер има учинок од 21 победи (девет нокаути) и два порази во 23 борби, додека се има борено и на 24 кик-боксерски мечеви. Џошуа и натаму е непоразен во 22 борби, од кои во 21 триумфираше со нокаут. Покрај појасите во ВБА супер, ВБО, ИБФ и ИБО, Џошуа има и златен медал од Олимписките Игри во Лондон кои се одржаа во 2012 година.