Со два гола и асистенција, Томас Милер беше меѓу највлијателните играчи на Баерн во неверојатниот триумф од 8-2 на Барселона. Германецот беше прогласен за МВП на средбата, но тој смета дека ова беше тимска победа и дека и другите играчи го заслужуваат признанието.
Милер е среќен за успехот, но потенцираше дека Баерн не е дојден да се радува на победа во четвртфиналето, туку сака да го освои трофејот во ЛШ.
„Тешко е да се објасни што сторивме, но знам дека уживавме и се забавуваме во победата и секој момент изминат на теренот. Благодарам за наградата, но мислам дека во соблекувалната имаме уште 12 или 15 играчи кои еднакво ја заслужија. Победивме како тим, секој го даде максимумот за да се пласираме во следната фаза. На секој противник му е тешко да нè надигра, бидејќи играме со висок интензитет и напорно работевме за да стигнеме каде што сме сега. За нас нема разлика против кого играме, знам дека игравме против Меси, но во такви ситуации ние сме уште поагресивни и поопасни. Сега ќе се радуваме на победата, но веќе следниот ден ќе се фокусираме на нашата нова задача, а тоа е како да стигнеме до финалето и самиот трофеј“, истакна Милер.
Баварците по вчерашниот настап дефинитивно се фаворити за освојување на Лигата на шампионите, трофеј кој го чекаат од 2013 година. Противник во полуфиналето ќе им биде подобриот од дуелот Манчестер сити – Лион.