Македонската фудбалска репрезентација утре ќе го одигра првиот меч во 2024 година, а противиник е селекцијата на Молдавија. Три дена подоцна, Македонија ќе одигра контролен дуел и против Црна Гора. Двата меча се играат на неутрален терен во Анталија.
„Задоволен сум од тоа што го видов овие три дена на тренинзите. Работната атмосфера е на највисоко ниво. Има играчи кои немаат минутажа во клубовите, но веќе се навикнавме на тоа. Мене најважно ми е тие да се здрави и да се физички подготвени. За сè останато, кога е во прашање Македонија, тие даваат и повеќе од својот максимум. Нѐ краси одлична работна атмосфера и сите се подготвени за предизвиците. Овие средби ќе ги искористиме да пробаме нови тактички варијанти, но и нови позиции на некои од фудбалерите кои ќе може да ги користиме во иднина“, вели селекторот Благија Милевски.