Фудбалската репрезентација на Македонија е пред предизвик да го задржи лидерското место во нашата група и по октомврискиот прозорец, а за такво нешто ќе ни биде потребен добар резултат на гостувањето кај главниот фаворит во групата, Белгија, но и победа против Казахстан на домашен терен.
„Имаме двајца повратници, Ашковски и Давид Бабунски, а, за жал, поради повреда ќе отсуствува Лирим Ќамили. Што се однесува до предизвикот, сите битки се главни, и досега одигравме пет главни битки, па така ќе биде и на останатите три натпревари. Белгија сè уште е главен фаворит во нашата група, но ние покажавме дека можеме да играме против сите. Никој не може да ни ја одземе надежта да се надеваме на пласман на Светско првенство. Ние ќе се подготвуваме како и досега, максимално сериозно и ќе сториме сè за да оствариме успех. Главна цел ни е да покажеме дека Македонија може да биде конкурентна и против реално поквалитетни селекции. Имаме ние во генот наш македонски некој икс фактор што не знаеме кога ќе проработи“, вели селекторот Благоја Милевски.
На списокот на селекторот Благоја Милевски се најдоа 25-мина фудбалери. Македонија најпрво во директен дуел за првото место ќе ѝ гостува на Белгија на десетти месецов, а три дена подоцна во Скопје ќе гостува селекцијата на Казахстан.