Милевски: Дојдовме во Грузија за да победиме!

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе гостува во Тбилиси против Грузија, во меч од Лигата на нациите. На Македонија потребно ѝ е да победи за да остане со шанси за првото место во групата, каде што сега се наоѓа токму Грузија.

„Ако не мислиме дека сме спсобни да победиме и да покажеме дека можеме, воопшто не би доаѓале тука. Дојдени сме да покажеме дека поразот од Грузија во Скопје беше несреќен. Ние сме дојдени тука да победиме“, рече селекторот на Македонија, Благоја Милевски, на прес-конференцијата.

Селекторот Милевски не сакаше да дава многу споредби околу селекциите на Македонија и на Грузија од пред две години и овие национални состави сега.

„Македонија имаше одлични квалификации за СП, одлично одигра против Италија и Португалија. За жал, во овој циклус на Лигата на нациите имавме многу проблеми со откажувања, со повредени играчи. Правиме еден вид транзиција на тимот, ова е можност да се увериме во квалитетот на младите играчи кои доаѓаат. Македонија е конкурентна во групата и сè додека постојат и најмали шанси, ние ќе се обидеме да ги искористиме. Времето ќе покаже дали Грузија е поквалитетна сега или од пред две години што беше“, додаде Милевски.

- Оглас -

Најнови вести