Аријан Адеми сигурно нема да игра за македонската репрезентација во септемврискиот квалификациски циклус од три натпревари, објави селекторот Благоја Милевски.
„Важно ни е пред се здравјето на секој играч и во договор со Аријан одлучивме тој да ги прескокне дуелите со Ерменија, Исланд и Романија и да биде подготвен за дуелот до Германија во октомври“, изјави Милевски.
Тој ќе дебитира на клупата како селектор на Македонија на 2. септември со Ерменија во Скопје, а ривалот е опасен и има максимален број на бодови по три кола.
„Ние сме во период на транзиција, со неколку репрезентативци што се откажаа по ЕП, а имаме и неколу повредени фудбалери. Сепак познавајќи го квалитетот и менталитетот на играчите што се повикани сигурен сум дека ќе го дадеме максимумот. Мислиме сега само на Ерменија, која е опасна репрезентација и не ме изненадува што се први на табелата. Имаат добар селектор и играчи, но ние играме на домашен терен и ќе сториме се да одиграме на препознатливо ниво и да забележиме добар резултат“, дополни Милевски.
Тој денеска го објави и списокот со репрезентативци на кои ќе смета за септемврискиот турнус од три меча во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар.