Милевски: Хрватска ќе биде одличен тест за нашите можности

Фудбалската репрезентација на Македонија утревечер (19 часот) на „Рујевица“ ќе одигра пријателски натпревар против селекцијата на Хрватска, која се подготвува за настап на Европското првенство.

Селекторот Благоја Милевски смета дека тоа ќе биде одлична проверка за нашиот национален тим против една од најсилните селекции во Европа.

„Ова е еден одличен тест за Македонија, да ги видиме нашите моментни можности и да ги одмериме силите со селекцијата на Хрватска. Не треба посебно да се трошат зборови за противникот, тоа е селекција со големи ѕвезди на европскиот фудбал, но ние сме подготвени да го дадеме максимумот и да ги реализираме на теренот нашите идеи. Сакаме да ги провериме сите наши игрчи, да видиме со што можеме да располагаме во иднина“, изјави селекторот Благоја Милевски.

Напаѓачот Александар Трајковски верува дека Македонија може да одигра квалитетно на утрешниот дуел против Хрватите.

„Секогаш е предизвик да се игра против една силна Хрватска. Верувам дека можеме да парираме и дека ќе ги исполниме задачите на селекторот за овој натпревар. Оптимисти сме и гледаме позитивно на овој пријателски дуел“, истакна Трајковски.

„Се подготвивме максимално за предизвикот. Очекувам еден добар натпревар, а подобриот нека победи. Секако дека Енис Барди, кој е преважен играч за нас, ќе ни недостасува во тимот, но јас се надевам дека секој играч кој ќе биде на теренот и ќе го замени на таа позиција, ќе го даде максимумот. За нас ова ќе биде една одлична средба за да видиме до каде сме и да се подготвиме за циклусот во Лигата на нациите во септември“, потенцираше фудбалерот кој игра за Хајдук Сплит и добро ја познава атмосферата во хрватскиот фудбал.

 

 

- Оглас -

Најнови вести