Милевски и Спировски очекуваат победа: Играме добро, време е за триумф

Благоја Милевски ја очекува првата победа како селектор на сениорската репрезентација на Македонија, а четвртиот меч како кормилар за него е голема шанса за прв триумф.

Утре играме од 20.45 часот против аутсајдерот во нашата група, Лихтенштајн, во Вадуз, во седмото квалификациско коло во Ј групата за настап на Мундијалот во Катар.

„Не бегаме од фавориската улога и задоволен сум од максималниот напор и желбата на репрезентативците што ги презентираа на последните тренинзи. Имаме мали проблеми со повредите, но тоа не треба да не спречи да ги освоиме бодовите. Ќе ни недостасува Енис Барди, но имаме доволен фонд на играчи за да одиме на победа против Лихтенштајн.

За тактичките варијанти не би говорел сега. Лихтенштајн на последните натпревари со Романија, Германија и Ерменија покажа дека игра цврсто и ќе ни треба да бидеме максимално фокусирани за да победиме“, изјави Милевски.

Се очекува Стефан Спировски да биде во конкуренција за стартна позиција во составот на Македонија, а играчот од средниот ред нема дилеми дека сме фаворити и се надева на победа.

„Во модерниот фудбал веќе нема апсолутни фаворити. Треба да ја играме нашата игра и ако тоа го прикажеме како на претходните дуели, нема од што да стравуваме. Ни недостасуваше малку среќа на претходните три меча за да победуваме. Требаше да имаме четири бода повеќе од тие натпревари, но сега е најважно да гледаме напред и да го победиме Лихтенштајн утре“, изјави Спировски.

Македонија на 10 меча досега против Лихтенштајн има 9 победи и едно реми, а во 1996 година ја забележавме и највисоката победа од 11:1 во историјата на македонскиот фудбал.

 

- Оглас -

Најнови вести