Фудбалската репрезентација на Македонија утре (18 часот) во Ереван го игра веројатно најважниот меч во овој циклус од Лигата на нации. По убедливиот триумф против Летонија (0-3) во Рига, селекцијата на Благоја Милевски се среќава со Ерменија, најголемиот конкурент за првото место во групата.
Не сака премногу селекторот да навлегува во математики, но јасно е дека ако останеме непоразени, тогаш имаме и повеќе од реални шанси да ја оствариме целта за освојување на првата позиција во групата. Ние ги совладавме Ерменците со 2-0 во Скопје.
„Кажав и претходно дека натпреварите меѓу Ерменија и Македонија ќе решаваат за првото место во групата. Сѐ уште стојам зад таа моја изјава. Имаме максимално мислење за квалитетите на ерменскиот тим и се подготвуваме за утрешниот важен дуел. Атмосферата во селекцијата е на високо ниво, а јас секогаш верувам во моите играчи. Нѐ очекува квалитетен противник и некако ни е судбина да играме вакви важни натпревари против Ерменците“, изјави Благоја Милевски на денешната прес – конференција.
Селекторот накусо се осврна и на здравствениот билтен.
„Висар Муслиу се чувствува многу подобро, но допрва ќе видиме дали ќе биде подготвен да настапи. Се надевам дека сите фудбалери ќе бидат подготвени да играат на утрешниот меч“, истакна селекторот Милевски.
Главен судија на утрешниот натпревар ќе биде Англичанецот Стјуарт Атвел.