Очекувањата на македонската фудбалска јавност во пресрет на квалификацискиот натпревар против Лихтенштајн се големи, но селекторот, Благоја Милевски, вели дека не чувствуваат притисок.
Македонија е на првото место во групата „Ј“ по четири кола со осум бода, еден повеќе од Велс и плус четири од Белгија, селекција која има одиграно само два меча.
„Секогаш кога постои притисок, значи дека некој нешто очекува од нас. За да се очекува од вас нешто, мора да покажете квалитет. Македонија сама се избори за да дојде во ситуација да се бори за место на Светското првенство. Белгија останува главен фаворит за првото место, тука е и Велс кој е редовен учесник на големите натпреварувања. Не чувствуваме притисок, но имаме огромен мотив да продолжиме да играме добро и да освојуваме бодови. Во ноември ќе видиме каде ќе стигнеме. Баражот преку Лигата на нациите го имаме со сигурност од над 90%. Сега максимално сме фокусирани на квалификациите.“ – рече селекторот Благоја Милевски.
Првиот собир на репрезентативците е закажан за понеделник, први септември, а истиот ден ќе се одржи и првиот тренинг пред заминувањето за Чешка и мечот против Саудиска Арабија.