Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, на прес-конференцијата пред утрешното гостување кај Ерменија истакна дека концентрацијата ќе биде клучен фактор на дуелот кој е директна борба за второто место во квалификациската група за СП 2022.
„Мислам дека двата тима имаат поеднакви шанси за второто место. Ни треба победа, но им треба и на домашните, затоа верувам дека ќе биде добар меч, поразличен од тој во Скопје. Тогаш доминиравме, но заврши 0-0, сега очекувам поотворен меч бидејќи трите бода ни се неоходни и нам и на Ерменија. Секако дека ситуацијата со повредите има влијание, овојпат ќе ги немаме Николов, Ракип, Адеми, Јаховиќ, Ристовски, но секоја најмала шанса за второ место ќе се обидеме да ја искористиме. Добро се познаваме, инспирацијата и мотивацијата се на завидно ниво, поголемата концентрација ќе го одлучи мечот“, вели селекторот Благоја Милевски.
„Проблемот со реализацијата на првиот меч е минато, не се навраќаме на тоа, се концентрираме само на утрешниот меч, верувам дека ќе го исполниме замисленото. Спортски е да се надеваш на победа“, додава Милевски.