Милевски: „Македонија не е светска велесила, но јас верувам во играчите што загубија 7-0 од Англија“

На списокот на повикани фудбалери на селекторот Благоја Милевски се најдоа дури 29-мина фудбалери. Сепак, веднаш пристигнаа откажувања од тројца фудбалери, кои поради повреди, ќе отсуствуваат од дуелите со Италија и Малта во квалификациите за Европското првенство.

„Не случајно списокот е малку поголем затоа што веќе тројца играчи откажаа. Радески има воспаление на тетивата, Дарко Чурлинов не доби дозвола од лекарскиот тим на Барнли, додека Ваљон Етеми се пожали на старата повреда“, ги објасни селекторот Милевски досега потврдените отсуства.

Во репрезентацијата повикани се и двајца дебитанти, Димитар Митровски од Вараждин и Ахмед Иљазовски од данскиот Хорсенс.

„Од двајцата дебитанти, Митровски во Вараждин игра одлично и затоа доби повик. Што се однесува до Ахмед Иљазовски, тој е стандарден и игра добро, не ни е познат, но наша должност е да го повикаме во составот и да направиме проценка за неговите квалитети. Од сите повикани, само Александар Трајковски е без клуб, но тој физички е добро подготвен и изрази желба да биде во составот“, рече Милевски.

Околу очекувањата од претстојните дуели, селекторот вели дека Македонија не е светска велесила и убедливиот пораз доаѓа во добар момент да се освестиме.

„Македонија не е светска фудбалска велесила и тоа е реалноста. Македонија може да биде добра само ако функционира како тим и никако поинаку. Тоа што ни се случи против Англија, донекаде е добро, да се свестиме сите дека мора да работиме многу напорно. На сите ни е обврска да го поправиме впечатокот од дуелот со Англија. Верувам во овие играчи и затоа и сега се повикани истите коишто играа и против Англија. Од дуелите со Италија и Малта очекувам да го покажеме тимскиот дух дека може да биде конкурентна на сите противници. Да го дадат максимумот, па по двата меча ќе видиме колку тоа ќе биде доволно“, вели селекторот Благоја Милевски.

- Оглас -

Најнови вести