Селекторот Благоја Милевски веќе го објави списокот со повикани фудбалери за натпреварите против Лихтенштајн и Саудиска Арабија. На него се најдоа 26 фудбалери кои ќе бидат во комбинација за септемврискиот собир.
„За жал не може да сметаме на Елези поради повреда на рамото. Ги нема ниту Ашковски, Манев и Бојан Димовски. Се надевам дека ќе се стабилизираат во своите клубови и повторно ќе се вратат во националниот тим. Првиот натпревар против Саудиска Арабија ќе го искористиме за да пробаме некои тактички замисли. Ќе им дадам шанса на оние кои помалку играат. Што се однесува до мечот против Лихтенштајн, можеби најважен за нас во овие квалификации. Максимално го респектираме ривалот и мора да бидеме подготвени да го дадеме максимумот. Лихтенштајн е сериозна екипа. Не е важно со колку разлика ќе победиме, најважно е да ги освоиме трите бода и да влеземе во октомврискиот циклус од оваа позиција на која сме сега.“ – вели селекторот Милевски.
На списокот се најдоа и двајца дебитанти, Решат Рамадани од Шкендија и Елмин Растодер од Тун, а селекторот го објасни нивниот повик.
„Што се однесува до дебитантите. Решат Рамадани сам се наметна со своите игри во европските купови. Со Елмин Растодер се надеваме дека ќе добиеме квалитетен фудбалер кој ќе ја зголеми конкуренцијата во нападот.“ – рече Милевски.
Мечот против Саудиска Арабија, кој ќе биде од пријателски карактер, ќе се одигра во Чешка следниот четврток, додека на седми септември во Скопје го пречекуваме Лихтенштајн во натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026.