Милевски: Моравме да останеме фокусирани и во последните 10 секунди од средбата

Не може да не се биде разочаран кога ќе се прими гол во 90+6 минута, гол кој не ни дозволи да се израдуваме на победа против Велс. По завршување на мечот, селекторот Благоја Милевски ги сумираше впечатоците.

„Честитки за нашите фудбалери за сето тоа што го покажаа. Има некоја горчина што на тој начин се одвиваше мечот, но не можам да не бидам задоволен. Имавме многу сериозен противник, се работи за играчи кои најголем дел од нив играат во Англија и Франција. Како тим видовте дека се сериозни, агресивни, на највисоко можно ниво, но нашите играчи покажаа дека од собир на собир напредуваат, од меч на меч напредуваат, но ни фали тој некој фактор плус за да бидеме над селекции како што е Велс. Моравме да останеме фокусирани и во последните 10 секунди. Жалиме за тие два бода, но, од друга страна, мислам дека најреално е реми. Нема простор за разочарување. Македонија покажа дека може да биде рамо до рамо со најдобрите во Европа, а мислам дека Велс е една од топ 15 селекциите во Европа“, беше првата реакција на предводникот на Македонија.

Милевски имаше само пофални зборови за нашите фудбалери, иако требаше да останат фокусирани до последниот свиреж на судијата.

„Македонија на тактички план одигра одличен меч, против одличен ривал. Начинот на којшто го примивме голот беше сплет на околности, на грешки. Не верувам дека момците од еуфоричност направивме грешки. Такви грешки се случуваат во фудбалот“, додаде Милевски, кој посебно ѝ се заблагодари на публиката и поддршката која ја имаше од трибините.

 

- Оглас -

Најнови вести