Милевски: Најважно ми беше да ги освоиме трите бода, веќе започнаа подоготвките за дуелот против Велс

Селекторот Благоја Милевски е задоволен што Македонија стартуваше со победа во квалификациите за СП 2026. Милевски напомена дека ова беше првиот дел од планот, а сега следува и фокус за дуелот против Велс кој ќе се игра на 25 март (вторник) во Скопје.

„Честитки за моите играчи што смогнаа сили и покажаа карактер да го изнесат мечот на најдобар можен начин, посебно поради тоа што се случуваше во Кочани во претходните неколку денови. Бевме подготвени максимално, физички, тактички, технички. Сите ривали во групата се конкурентни, сите имаат свои шанси. Максимален респект кон секој тим, ако сакате да се надевате на позитивен резултат. Очекувавме противникот да биде фокусиран на одбраната и честитки до домаќинот за фер и коректна игра. Фасциниран сум што толку многу наши навивачи имаше на трибините кои дојдоа тука од сите страни од Европа“, вели Милевски, кој потенцира дека е најважно што се освоени трите бода, , а сега следи предизвик наречен Велс.

„Искрено не ми беше битно со колкава разлика ќе победиме. Најважно ми беше да освоиме три бода. Веќе почнавме со подготовка за дуелот со Велс. Не очекува сосема поинаков меч, поинаков ривал. Очекувам натпревар кој ќе барам и физички и ментален напор. Мора да направиме промена во нашите глави и да се фокусираме веднаш на тој дуел“, потенцираше предводникот на македонската фудбалска репрезентација.

Милевски очекува да има полни трибини за дуелот во вторник, а против Велс ќе биде голем предизвик да се освојат трите бода.

„Велс е редовен учесник на големите натпреварувања. Ова можеби ќе биде најтешкиот меч во нашата група“, заврши Милевски.

- Оглас -

Најнови вести