На денешната прес-конференција, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, одговори и дали ќе остане селектор после завршувањето на квалификациите за СП 2026.
Договорот на Милевски е до 30-ти ноември, што значи дека гостувањето кај Велс може да му биде и последен меч на клупата на националниот тим.
„Максимално сум фокусиран на тоа што следи, двата меча, а дури потоа ќе размислуваме што понатаму. Уште сум под договор со ФФМ и сега размислувам само за двата дуели кои ни следуваат“, рече Милевски.
Македонија прво на 13-ти ноември во Скопје ќе игра пријателски меч против Летонија, а три дена потоа следува и последниот, клучен натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 година, на гости во Кардиф против Велс. Речиси сигурно ќе играме бараж за СП, но мечот со Велс ќе одреди дали тоа ќе биде преку квалификациите или преку Лигата на нации.
Но, ќе виси прашањето дали во тој бараж во март догодина селектор ќе биде Милевски или некој друг.

