Селекторот Благоја Милевски и голманот Столе Димитриевски на прес-конференцијата пред утрешниот меч со Летонија ги кажаа своите очекувања од овој дуел од Лигата на нациите.
„Летонија е сериозен противник, имаме максимален респект кон нив. Не нè залажува резултатот од првиот меч против нив, максимално ќе бидеме фокусирани и мотивирани. Наша цел е да победиме. Многупати имам кажано дека овие момци секогаш кога доаѓаат да играат за Македонија, го даваат максимумот. Нивниот карактер не само како спортисти туку и како личности е на максимално ниво. Фокусот наш е како ние треба да одговориме на утрешниот предизвик. Ме радува што сами си одлучуваме, и тоа на свој терен. Главна цел е да го задржиме првото место во групата“, рече Милевски.
Голманот Столе Димитриевски си посака повторно да остане несовладан, а ако една традиција продолжи, тоа и ќе се случи.
„Сакам и по овој меч да имам чиста мрежа. Кога ќе кажам дека сакам чиста мрежа на прес-конференција пред натпревар, ми носи среќа и навистина не примам гол“, изјави чуварот на мрежата на Валенсија и на македонската репрезентација.