Милевски: Од нас самите зависи каков ќе биде крајниот резултат против Малта

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Багоја Милевски, е оптимист пред утрешниот меч против Малта, со кој започнуваат квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година. Македонија игра на домашен терен, а Милевски вели дека го респектираат противникот, но дека нашата цел е позитивен старт на квалификациите.

„Ги анализиравме детално, посебно поседните четири мечеви на Малта. Имаат нов селектор, но играчите се тие. Се работи за квалитетна селекција, со квалитетни играчи и затоа имаме максимален респект кон протовникот. Сепак, сето тоа што ќе се случува на утрешниот меч во најголема мерка зависи од нас самите“.

Од здравствениот билтен, единствено повреден е Доријан Бабунски.

„Доријан Бабунски има повреда на бутниот мускул здобиена на последниот меч на клупски план. Сите останати фудбалери се здрави и подготвени за првиот предизвик. Тоа што го работевме во изминативе 15-16 месеци, беше како подготовка за овие квалификации. Во денешниот фудбал нема аутсајдери. Ги победија Израел и одиграа нерешено со Грција, ги респектираме максимално, но имаме квалитет на задоволително ниво за да започнеме како што посакуваме. Повеќе од уверен сум дека ќе имаме успешен старт каков што сите посакуваме“, изјави Милевски, кој потенцираше дека Македонија е подобра од Малта, но тоа треба да се покаже на теренот.

„Македонија играше бараж за Светско првенство, го победи актуелниот европски првак и во меѓусебните дуели со Малта сме подобри. Сепак, сето тоа е историја и ова е ново поглавје и на теренот утре треба повторно да се докажеме“, додава Милевски.

- Оглас -

Најнови вести