Милевски: Ова е победа што ја посветувам на фудбалерите, ФФМ и на сите што веруваат во нас

Фудбалската репрезентација на Македонија оствари супер важна победа (0-2) против Ерменија во Ереван и е на прагот да го осигура првото место во групата од Лигата на нации. Нашата селекција третпат во низа победи без примен гол и има сериозна шанса дури и за мундијалски бараж.


Сето ова му дава големи причини за радост на селекторот Благоја Милевски, кој и после овој триумф, остана мирен и не покажа еуфорија, а заслугите повторно им ги припиша на фудбалерите. Победата ја посвети на фудбалерите, на ФФМ и на целата фудбалска јавност што има доверба во националниот тим.


„Македонија беше подобар тим и мислам дека заслужено победивме. Сакам да им честитам на фудбалерите, ова е уште една нивна голема победа. Ова е победа што им ја посветувам на нив, на ФФМ и на целата фудбалска јавност што верува во нас. На почетокот постигнавме гол кој не беше признат со ВАР одлука, Ерменија имаше свои моменти, но во глобала, сепак, нашиот триумф е заслужен, постигнавме два убави гола преку Миовски и Алими. Ме радува фактот што знаеме да оствариме резултат. После некои индивидуални грешки, секој друг фудбалер знае да ја исправи грешката на ближниот свој. Ме радува што полека ја постигнувам целта, да изградиме една група на одлични момци, со цврт карактер, но и одлични фудбалери. Овие момци испраќаат преку репрезентацијата и пораки до нивните тренери во клубовите, дека на нив треба сериозно да се смета. Што се однесува до судиските одлуки и проверката во ВАР-собата, никогаш не ги коментирам“, изјави селекторот Благоја Милевски на прес – конференцијата по мечот.

- Оглас -

Најнови вести