Фудбалската репрезентација на Македонија ја оствари втората победа во Лигата на нации совладувајќи ја Летонија со 0-3 во Рига. Јани Атанасов во 35-тата минута го отвори резултатот, Лирим Ќамили зголеми на 0-2 во 70-тата минута, а на крајот Елиф Елмас во 90-тата минута со прекрасен гол го заокружи триумфот.
Селекторот Благоја Милевски е задоволен од резултатот, но вели дека некои сегменти во играта треба и можат да се подобрат.
„Ова е победа на фудбалерите. Имавме одлични потези, имавме посед и контрола, но имавме и мигови кои може и треба да ги подобриме и на тоа ќе работиме во иднина. Овој тим почнавме да го градиме после поразот со 7-0 од Англија во Манчестер. Полека ја добиваме сликата и физиономијата на тимот што сакам јас да ги гледам, иако можеме и уште повеќе да напредуваме. Што се однесува до Елиф Елмас, момчето заслужува многу поголем респект од сите, затоа што без разлика на ситуацијата во клубот или било какви други проблеми, никогаш не кажал „не“ за Македонија. Еден период играше за сите можни младински селекции, од У16 до У21“, изјави селекторот Благоја Милевски.