Со два гола на Јани Атанасов, еден од слободен удар и еден од пенал, македонската репрезентација за фудбалери до 21 година, извојува многу важна победа над директниот конкурент Црна Гора и тоа на гостински терен во Подгорица.
Скендеровиќ во десетта минута ја донесе Црна Гора во водство, но Атанасов со головите во 14-та и 33-та минута, направи пресврт. Тој резултат од 2-1 остана до крајот, и младите Македонци заслужено се радуваа.
Во групата 6 од квалификациите, Шпанија и Македонија имаат по 6 бода од две кола, но бидејќи во првото коло го растуривме Фарски острови со 7-1, имаме подобра гол-разлика од „црвената фурија“, па избраните на селекторот Благоја Милевски се на чело. Оваа генерација предводена од интернационалците Атанасов, Чурлинов, Митровски и останатите, е на пат да го повтори успехот на Николов, Барди, Велковски и останатите кои предводени од истиот селектор Милевски, настапија на ЕП за играчи до 21 година.
Во следното коло, Македонија на 15-ти октомври во Скопје го пречекува Казахстан.