Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија спогодбено го раскина договорот со Добринко Илиевски на местото селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година и на позицијата го назначи Благоја Милевски.
„Ми беше важно отворено да разговараме со в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, околу репрезентативните теми и му благодарам за разбирањето и довербата која заедно со Управниот одбор ми ја укажуваат. Се радувам на новите предизвици и можноста повторно да соработуваме, останува да се договорат одредени детали за официјализирање на соработката во однос на договорот. Свесен сум за ситуацијата која е пред нас, но не се плашиме, верувам во репрезентацијата, во момците и ќе бидеме подготвени за новите предизвици. Веројатно ова е една од најтешките задачи во мојата кариера, но тука сум, повик од националната репрезентација не се одбива. Квалитет постои, знам дека можеме да успееме и не би прифатил ангажман доколку не верувам во момците и во својата работа. Се надевам дека може да направиме резултат, изјави Благоја Милевски, кој како селектор ја предводеше Македонија до 21 година на Европското првенство во Полска 2017 година.
В.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, му посака успех на Милевски и порача дека Федерацијата ќе му овозможи најдобри услови за работа.