Македонската фудбалска репрезентација е подготвена за утрешниот предизвик, а тоа е дуелот против Лихтенштајн. Тоа ќе биде прв меч од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година.
Селекторот Благоја Милевски е оптимист, но сепак е претпазлив и знае дека фудбалерите со добра игра на теренот треба да ја оправдаат фаворитската улога за да се освојат првите три бода.
„Ќе биде многу добро квалификациите да ги стартуваме со победа и да ја продолжиме серијата. Сепак, може да се надеваме на такво нешто само ако го дадеме нашиот максимум. Ме радува фактот дека нашите репрезентативци сега се поактивни во своите клубови“, изјави Милевски.
Селекторот вели дека ниту еден ривал не смее да се потцени и затоа секоја линија од теренот мора да биде максимално покриена и да се одигра на највисоко ниво.
„За да победиме на еден меч, мора сите линии, сите сегменти да бидат на највисоко ниво. Сите тимови се сериозни, напредуваат. Токму затоа нашиот фокус е на секој меч да функционираме максимум на сите линии. Само така може да се надеваме дека ќе имаме добри резултати во континуитет“, потенцираше Милевски, кој уште еднаш изрази сочуство за настраданите во трагедијата во Кочани.
„Сè уште ми е многу тешко да зборувам за тоа. Уште еднаш да изразиме почит . Многу е тежок моментот да се зборува за тоа. Би сакал да се фокусираме на натпреварот“, заврши Милевски.