Милевски: „Се надевам на успешен циклус, во фудбалот нема аутсајдери“

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, откако го објави списокот со повикани фудбалери за дуелите против Лихтенштајн и Велс, ги кажа и своите очекувања од стартот на квалификациите за Светското првенство.

„Списокот е тој, со играчите со кои го завршивме последниот циклус. Имаме еден дебитант, тоа е Лука Станковски, кој со своите игри заслужи да биде дел од националната селекција. Имавме успешна Лига на нации, успешни беа и квалификациите за СП 2022, а се надевам дека и сега ќе имаме успешен циклус. Имаме два сериозни ривала. Прво играме со Лихтенштајн. Нема лесни ривали и максимално ќе се фокусираме за тој меч. Потоа следува Велс, кој е редовен учесник на големите натпреварувања и мора да бидеме фокусирани. Секој меч е приказна за себе. На секој меч одиме на победа, но никој не може да предвиди што ќе се случи на теренот. Има позитивна промена кај дел од репрезентативците и тоа ме радува. Ме радува фактот што дел од играчите кои се носители на играта, направија добра промена на клупски план. Во фудбалот не постојат аутсајдери. Максимален респект кон секој ривал“, рече Милевски.

Квалификациите за Светското првенство ги отвораме со дуел против Лихтенштајн на гостински терен на 22 месецов, додека три дена подоцна во Скопје ја пречекуваме селекцијата на Велс.

- Оглас -

Најнови вести