Македонската фудбалска репрезентација в понеделник ќе стартува со подготовките за квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година. Стартуваме на гостински терен против Лихтенштајн на 22 март, а три дена потоа во Скопје ќе го пречекаме Велс. Во група со Македонија се уште и фаворитот Белгија, како и селекцијата на Казахстан, против која никогаш досега немаме играно.
Според звучноста на противниците, Македонија треба да има полесна група од тоа што беше во квалификациите за ЕП 2024, кога бевме во група со гигантите Италија и Англија, а тука беше и силната Украина. Селекторот Благоја Милевски го објави составот за првите два меча и, како секогаш, Сер Боби е оптимистички расположен во пресрет на квалификациите.
„Не би рекол дека имавме повеќе среќа, но ако споредиме со минатата група во која беа Англија, Италија, Украина и Малта, мислам дека овие противници не се понеквалитетни или полесни, но можеме да бидеме поконкурентни со нив. Денеска нема аутсајдери, фаворити има само на хартија, но на теренот треба да се заслужи победата. Мора да се биде сконцентриран на својата игра, на своите планови, без разлика дали е Белгија, Велс или Лихтенштајн. За секој ривал посебно се подготвуваме. Без разлика на силината на противникот, нашиот пристап е максимално професионален и сериозен“, вели селекторот Милевски.
ИДЕАЛНО БИ БИЛО ДА ЗАПОЧНЕМЕ СО ШЕСТ БОДА, НО ВАЖЕН Е И ФИНИШОТ
Предводникот на македонската репрезентација вели дека би било идеално да започнеме со две победи од првите два меча, но и тоа ако не се случи, не треба да има разочрување затоа што секој меч е подеднакво важен и борбата за пласман на СП трае во текот на целиот квалификациски циклус.
„Секој почеток е важен, но важен е и крајот. Не мора да значи дека ако едни квалификации ги започнете одлично, дека сте ја завршиле работата. Секој меч е подеднакво важен, секој меч може да донесе бодови и морате да бидете максимално сериозни како на првиот меч против Лихтенштајн така и на последниот меч на гости со Велс. Мораме да одиграме и на гости и дома со сите. Заради самодоверба на фудбалерите, добро е да започнеме позитивно во квалификациите, но важно е и како ќе завршиме“, потенцира Милевски.
ОСТАНУВА ДА СЕ НАПРАВИ ПОСЛЕДЕН ЧЕКОР, ТОЈ НАЈТЕШКИОТ
Македонија никогаш досега не била дел од планетарен собир, а на претходниот Мундијал само еден меч, една победа фалеше да бидеме дел од елитата. Нашата селекција заврши втора во групата, потоа ја победивме Италија во Палермо, а во последниот меч загубивме на гости во Порто од Португалија. Сега е потребно да се направи тој последен, најважен чекор за да бидеме дел од елитата.
„Во претходните квалификации за Светското првенство во Катар одигравме одлично и го освоивме второто место и се изборивме за бараж. Посебно бев задоволен од тоа како ги одигравме тие бараж-дуели и со Италија и со Португалија, ни даде една посебна самодоверба да веруваме во нашите квалитети и можности. Потоа продолживме и со делумно освежување на националниот тим. Не беше тоа класична смена на генерацијата, туку во текот на тие квалификации за ЕП 2024 и во мечевите од Лигата на нациите го направивме тоа освежување на тимот. Поразот од 7:0 во Манчестер како да беше пресвртница, па во овие година и девет месеци по тој пораз, тимот ја доби својата физиономија, својот квалитет и мислам дека ќе продолжиме во тој ритам и во тој правец да се движиме и во иднина“, оптимистички коментира предводникот на националниот тим.
СПЛОТЕНОСТ И ТИМСКИ ДУХ СЕ АДУТОТ НА МАКЕДОНИЈА
Многу проблеми има селекторот околу составување на најдобриот состав, посебно затоа што поголем дел од фудбалерите се борат да ја добијат довербата во своите клубови и да имаат стандардни настапи. И покрај тој проблем, играчите кога ќе дојдат да ги бранат националните бои се посебно мотивирани, а посебно се истакнува сплотеноста.
„Мислам дека во моментов тој тимски дух, тимската енергија што ја поседуваме се главна одлика. Секако дека целиот индивидуален квалитет што го имаат фудбалерите го ставаат во функција на тимот, што е многу битна, ако не и најважна работа во моментов за да имаме тимска енергија и таа кохезија меѓу нив што се создаде, мислам дека тоа е најпозитивната одлика на овој тим. Факт е дека успешноста на настапите на нашата селекција на последните настапи во Лигата на нациите и претходно во квалификациите за ЕП 2024, вториот дел од тие квалификации, се резултат на тој тимски дух и енергијата што го краси нашиот состав. Секако дека има уште простор да се подобруваме како индивидуално така и тимски. Мислам дека секој од нас треба да работи на тоа индивидулано, да се подготвува и да ги коригира негативните работи“, вели Милевски, кој се надева дека на дуелот против Велс, арената „Тодор Проески“ ќе биде исполнета и дека навивачите ќе дадат дополнителна сила на нашите фудбалери.
ВЕЌЕ ИМАМЕ РЕЧИСИ СИГУРЕН ПЛАСМАН ВО БАРАЖОТ ЗА СП, НО КВАЛИФИКАЦИИТЕ СЕ ПОСЕБЕН ПРЕДИЗВИК
„Навивачите да дојдат да нè бодрат во што е можно поголем број бидејќи овој тим на Македонија секогаш е спремен да даде повеќе од максимум. Момците тоа го прават секогаш кога се во репрезентативниот дрес без разлика на проблемите што ги имаат во своите клубови, минутажата која таму ја добиваат или ја немаат. Кога доаѓаат тука, се преобразуваат во некои нови личности кога настапуваат за Македонија и тоа е доволна причина да го натераат македонскиот навивач да дојде и да даде поддршка“.
Македонија веќе има еден адут во квалификациите за СП 2026, а тоа се добрите настапи од Лигата на нациите преку кои речиси сигурно нашата селекција ќе обезбеди место во баражот. Сепак, Милевски потенцира дека мундијалските квалификации се нов предизвик и можност да се обидеме да напредуваме, па конечно и да се стигне до толку посакуваниот пласман на Светското првенство во 2026 година.
„Се надевам дека можеме да играме на СП, па дури и сигурен сум дека можеме да одиме Мундијалот. Одлично е што веќе на некој начин, 90 и повеќе отсто повторно имаме обезбедено бараж за тоа Светско првенство преку Лигата на нациите, но сега нè очекуваат квалификации за СП. Имаме можност и од тука. Сè зависи и од нас, но и, пред сè, од здравјето на нашите фудбалери, тоа да нè послужи. А уверувам дека ние ќе дадеме повеќе од максимум да ги израдуваме нашите навивачи во овие квалификации“, полн со оптимизам заврши Милевси, кој се надева дека хуманитарниот тикет ќе биде добитен за да може парите да се донираат таму каде што е најпотребно.