Фудбалската репрезентација на Македонија денеска (18 часот) го игра третиот натпревар од Лигата на нации. Селекцијата на Благоја Милевски гостува во Рига и ќе се сретне со Летонија, со која имаме позитивно искуство кога се резултатите во прашање.
На минатото гостување, славевме со 0-2, со головите на Енис Барди и на Горан Пандев.
Сепак, ова се сега сериозно изменети тимови.
Селекторот на Македонија, Благоја Милевски, има промени во одбраната поради суспензиите на Ѓоко Зајков и на Никола Серафимов. Поради ова, во стоперскиот тандем ќе настапат Јован Манев и Висар Муслиу, а на страничните позиции се Бојан Димоски и Стефан Ашковски. На голот е Столе Димитриевски.
Средниот ред треба да биде составен од Фисник Алими и Јани Атанасов како последни играчи за врска, а пред нив ќе делува капитенот Енис Барди. На левата крилна позиција е поставе Елиф Елмас, додека на спротивната страна ќе игра Димитар Митровски.
Во нападот е Бојан Миовски, од кого и вечерва се очекува да биде сериозна опасност кон голот на Летонија.
Летонскиот селектор Паоло Николато нема да отстапи од својата формација (3-4-1-2). Неговата определба е со тројца играчи во одбраната, но и згуснат среден ред, а во нападот се Јанис Икауниекс и Владиславс Гутковскис.
Македонија е фаворит за трите бода на овој дуел, но тоа ќе треба да докаже и на теренот на стадионот на Сконто Рига. Се очекуваат околу 6.000 гледачи на трибините, а главен судија е Јакоб Сундберг од Данска.