Македонската фудбалска репрезентација ќе биде првопласирана во Ц сегментот од Лигата на нации, позиција која и беше очекувана ако се знае дека за ривали ги имавме селекциите на Ерменија, Фарски острови и Летонија, кои се далеку послаборангирани. Македонија имаше два добри меча и освои шест бода од гостувањата кај Летонија (0:3) и во Ереван против Ерменија (победа со 2:0).
По дуелот со Ерменија, селекторот Благоја Милевски имаше пофални зборови за нашите репрезентативци, но упати и порака до нивните тренери во клубовите кои настапуваат. Според Милевски, македонските фудбалери заслужуваат многу поголема минутажа и доверба на клупски план, па на прес конференцијата во Ереван порача:
„Овие момци испраќаат преку репрезентацијата и порака до нивните тренери во клубовите, дека на нив треба сериозно да се смета. Можеби ќе звучи навредливо, но тренерите или немаат способност да ги видат нивните квалитети или не сакаат да ги видат. Во стартните 11 на нашата селекција, можеби 9 немаат минутажа“, рече Милевски.
Во продолжение може да прочитате за тоа каква е минутажата што 11-те стартери на Македонија од дуелот против Ерменија ја имаат на клупско ниво:
Столе Димитриевски е резерва во Валенсија каде прв голман е Мамардашвили. Димитриевски нема одиграно ниту една минута сезонава.
Езџан Алиоски последниот меч за Ал Ахли во Саудиска Арабија го одигра во август 2023 година.
Никола Серафимов е стартер и стандарден во Фехервар во Унгарија.
Ѓоко Зајков во романска Крајова играше на седум од 14 меча сезонава.
Јован Манев во Адана има улогата на стартер.
Јани Атанасов повеќе не игра отколку што игра во Краковија во Полска.
Исник Алими е сигурен стартер во Сепси во Романија.
Енис Барди е стартер во Трабзонспор, но неколку месеци нема одиграно цел натпревар без да биде заменет.
Елиф Елмас е закован на клупата за резерви кај Лајпциг и сезонава во 9 меча одигра само осум минути на гости кај Атлетико Мадрид во ЛШ.
Бојан Миовски ретко добива шанса во Жирона.
Бојан Димоски Акрон Тољати во Русија на последните шест меча одигра само 135 минути.