Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски, кажа свое видување во пресрет на собриот на репрезентацијата за квалификациските натпревари во септември за пласман на Светското првенство.
„Се радувам на собирот и деновите кои ни следуваат. Подготовките се кратки и мора да ги искористиме максимално. Ја знаеме нашата цел, знаеме со што располагаме и одиме да го потврдиме квалитетот. Некои промени се неизбежни, но не стравувам. Напротив, стојам зад репрезентацијата и фудбалерите и имам мотив и енергија да работиме квалитетно, максимално професионално и да бидеме конкурентни. Јас сум селектор и притисокот е врз мене. Фудбалерите мора да продолжат да веруваат во себе и во својот квалитет. Нашата заедничка цел е борба до крај во тековните квалификации, создавање група во која тимот, а не индивидуалци, ќе биде најбитен, и крајно да направиме се за да бидеме конкурентни за настап на следното Европско првенство“ – вели Милевски.
„Резултатот секогаш е важен. За натпреварот со Ерменија велам дека сакаме победа бидејќи тој резултат ќе ни донесе дополнителна самодоверба. Сите го сакаме најдоброто и ќе се обидеме така и да изгледаме да натпреварите кои ни следуваат. Го познавам тимот, знам дека имаме амбициозни и талентирани фудбалери, но и играчи со квалитет и искуство кои се уште се гладни за нов, голем резултат. Освен тоа, имаме неколкумина репрезентативци кои влегуваат во најдобрите фудбалски години од своите кариери, а нивниот пристап ми говори дека македонската репрезентација ќе биде во одлични раце по повлекувањето на неколкумина фудбалери. Се надевам и дека сите ќе бидеме здрави” – додава Милевски.
Македонија во септемврискиот циклус квалификации за СП ќе одигра три натпревари. На 2. септември ја пречекуваме Ерменија, на 5. септември гостуваме во Исланд, а на 9. септември на домашен терен ќе играме против Романија.
Собирот е закажан вечерва во 20 часот во хотел „Хилтон” во Скопје.