Бразилецот Едер Милитао денеска и официјално е нов член на Реал Мадрид, но до крајот на сезонава ќе го носи дресот на Порто. Централниот дефанзивец кој има 21 година и од неодамна е бразилски репрезентативец, во следната сезона ќе се бори со Серхио Рамос, Рафаел Варан и Начо за место во последниот бедем пред голот на Реал.
Договорот е со важност до 2025 година. Милитао може да игра и како десен бек. Платата во Реал ќе му биде меѓу четири и пет милиони евра, без бонуси.
Реал за Милитао ќе плати 50 милиони евра, од кои 6,5 ќе добие некогашниот негов клуб Сао Пауло. Во Кралскиот клуб се надеваат дека Милитао ќе биде новиот Пепе, кој исто така од Порто дојде во Реал, и тренерот Зидан нема да има проблеми околу тоа кого да стави во игра доколку Рамос или Варан не се во форма или отсуствуваат поради разни причини. Доведувањето на Бразилецот значи заминување на Хесус Валјехо, кој се мачи со повредите.