Тренерот на Црвена ѕвезда, Владан Милојевиќ, го најави утрешниот натпревар со Барселона во четвртото коло од Лигата на шампионите, кој ќе се игра од 21 часот на стадионот „Рајко Митиќ“.
Црвена ѕвезда утре ќе го пречека еден од највозбудливите тимови во Европа во моментот. Каталонците блескаат, ги полнат мрежите на речиси секој противник, а утре ќе гостуваат против српскиот првак.
„Во овој момент ни доаѓа тим кој е најдобар во Европа. Играме против тим кој е апсолутно на врвот во сите фази на играта. Што се однесува до сè. Барселона игра инспирирано, полетно, полни се со самодоверба, имаат многу млади играчи. Сигурно е дека тренерот Флик донесе нешто свое. Кои се нивните слабости? Тешко е да се каже дека тие имаат слабости. Треба да се фокусираме… Анализиравме. Ќе дадеме сè од себе за да се обидеме да ѝ се спротивставиме на најдобар можен начин на Барселона и пред полни трибини да се обидеме да го оствариме тоа што го замисливме и го вежбавме на тренинг“, изјави Милојевиќ.
Имаше впечаток дека Црвена ѕвезда има премногу почит кон досегашните противници во Лигата на шампионите.
„Добро е ова прашање. На секој натпревар што го одигравме имавме уште многу што да покажеме. Кога играте во домашното првенство каде што сте апсолутно доминантни и имате резултати какви што имаме, а потоа доаѓате во друго натпреварување… Ние сме Црвена ѕвезда, но играте против неверојатни тимови, многу силни, и потоа за три до четири дена, како екипа што доминира, имате противник против кој сте во спротивна позиција. Тоа сигурно предизвикува фрустрации, страв… Многу е тешко за играчите да го сфатат тоа. Се согласувам дека требаше да покажеме многу повеќе отколку што покажавме“, истакна тренерот на Црвена ѕвезда.
Статистиката на Барселона оваа сезона е брутална. Имаат втор најефикасен напад во историјата на клубот ако се гледа досегашниот тек од сезоната.
„Мислам дека никој не очекуваше Барселона да биде на толку високо ниво оваа сезона. Ханси Флик е феноменален тренер, игравме против него додека го водеше Баерн. Направи синергија во соблекувалната и навистина играат фасцинантно и резултатите се на високо ниво. Натпреварот трае 90 минути, ќе излеземе, ќе се бориме и наше е да го извлечеме максимумот“, заврши Владан Милојевиќ.