Црвена ѕвезда не успеа да дојде до пласман во Лигата на шампионите откако одигра само 1-1 на гостувањето кај Пафос, па во новата сезона ќе игра во лигашкиот дел од Лигата на Европа.
За тренерот на Црвено-белите, Владан Милојевиќ, тоа не е неуспех, бидејќи и Лигата на Европа е квалитетно натпреварување.
„Примивме еврогол кој се дава еднаш во 100 години. Примивме гол во првата минута во Белград и во последната тука. Тешко е да се вратите, но тоа е фудбалот. Продолжуваме понатаму, нѐ чека Лигата на Европа, моите фудбалери го дадоа максимумот. Ако ги имавме сите фудбалери, ќе беше поинаку. Може да гледаме како сакаме, што и да напишете вие, јас не се согласувам, што значи успех или неуспех, дали е катастрофа или не, како да е судниот ден. Фудбалот се игра, одиме понатаму, одиме во Лигата на Европа и не треба да се зборува дали ќе дојдеме до полуфиналето. Ќе се потрудиме да направиме добар резултат во Лигата на Европа“, рече Милојевиќ.
Сепак, тренерот на Црвена ѕвезда имаше и конфронтација со дел од новинарите, па рече дека во фудбалот не е се во парите.
„Зошто ова би било катастрофа? Вие сè гледате низ призма на парите, вие не зборувате кој како играше? Раде играше под инјекции, не се прашувате дали неговата кариера беше под знак прашалник, само сакате ексклузива и кликови. Поставувате прашање и чекате нешто негативно. И други екипи вложуваа, па што? Сè се врти околу парите тука. Не мислам дека ова е катастрофа и воопшто не ми е грижа дали некој се согласува со тоа“, со овие зборови заврши прес-конференцијата на Црвена ѕвезда.