Црвена ѕвезда со 3:1 го победи Вардар во Скопје, а по завршување на мечот, тренерот на гостите, Владан Милојевиќ посака следните гостувања на Црвена ѕвезда да бидат за многу поубави поводи.
„Сите знаете кој беше поводот да се одигра овој меч. Би сакал да изразам сочувство на семејствата на починатите во оваа трагедија. Се надевам дека никогаш повеќе нема такво нешто да се случи. Ова беше по еден предлог на нашите великани Најдоски и Панчев да одиграме еден ваков меч против Вардар. По 30 години, Црвена ѕвезда дојде на овој преубав стадион кој го носи името на мојот омилен пејач Тоше. Многу емоции. Би им се заблагодарил на сите кои дојдоа на стадионот, посебно на навивачите на Вардар кои постојано го бодреа својот тим. Мечот и резултатот беше во втор план, но ние сме Црвена ѕвезда и нашите играчи знаат дека секој нареден меч е најважен, па така и нашите играчи одиграа. Се надевам дека некој следен пат ќе дојдеме тука и ќе одиграме меч, но поводот да биде поубав“, рече тренерот на Црвена ѕвезда, Милојевиќ.