Актуелниот тренер на Црвена ѕвезда, Владан Милојевиќ, не можеше со сигурност да каже колку долго ќе биде на клупата на белградскиот клуб, нагласувајќи дека негов сон е еден ден да ја преземе селекторската позиција, без разлика дали станува збор за српската или за грчката репрезентација.
Србија е во потрага по селектор од минатиот викенд, откако Драган Стојковиќ понуди оставка по поразот од Албанија, а на дуелот со Андора тимот го водеше Зоран Мирковиќ, кој е селектор на У-21 репрезентацијата.
Продолжуваат шпекулациите за тоа кој би можело да го наследи, а веќе е јасно дека Милојевиќ е прв фаворит, како сериозен кандидат се спомнува и Вељко Пауновиќ. Дејан Станковиќ откажа, па изборот е Милојевиќ или Пауновиќ.
Милојевиќ во интервју за грчките медиуми ја остави отворена можноста за да работи како селектор и рече дека тоа му е сон.
„Не знам колку долго ќе бидам тренер на Црвена ѕвезда, но еден од моите фудбалски соништа е еден ден да станам селектор, или на Србија или на Грција“, рече најуспешниот тренер на Црвена ѕвезда во овој век, кој најголемиот дел од играчката кариера го мина во Грција и има грчки пасош.
Ако стане селектор, треба да се одлучи и дали ќе работи само како предводник на националниот тим на Србија или паралелно ќе ја води и Ѕвезда.