Српскиот новинар и коментатор, Милојко Пантиќ, познат по неколку свои изливи на емоции додека коментира, како на пример легендарното: „Дарко, Дарко, Дарко“, кога Дарко Панчев го погоди пеналот со кој белградската Црвена ѕвезда стана европски првак пред 31 година, смета дека не треба да се омаловажуваат пеналите во фудбалот.
„Лаици и дилетанти велат дека Хрватска има среќа бидејќи поминува на пенали, а пеналите според нив се рулет. Тоа е чиста заблуда и незнаење. Тоа е исто како да кажете дека тај-брејкот во тенисот е рулет. Пеналите се составен дел од фудбалската игра, Хрватите тоа први го сфатија, па во подготовката пред секој меч, детално проучуваат на која страна најчесто се фрла противничкиот голман и во кој агол шутираат противничките играчи“, вели Пантиќ, кој типува дека и утревечер на дуелот помеѓу Аргентина и Хрватска ќе има пенали.