Македонскиот ракометен првак Вардар, ги има последните подготовки пред завршниот турнир во Лигата на шампионите во Келн. Трета година по ред, Вардар е дел од Ф4 завршницата, а доколку сака да го повтори успехот од пред две години, ќе мора да направи вистински подвиг.
Во полуфиналето, Вардар го доби најтешкиот ривал, Барселона. Каталонците се први фаворити за тронот, но така беше и во 2017 година, па „црвено-црните“ успеаа да го елиминираат големиот ривал. Тогаш во Вардар на голот беше Арпад Штербик, кој беше еден од најзаслужните за титулата. Сега на местото на Штербик е Дејан Милосављев, кој блеска со своите одбрани.
„Целиот тим, посебно тренерот на голманите Дејан Периќ, многу ми олеснија бидејќи поминаа многу време работејќи со мене. Секако, тренинзите и добрата соработка со најдобрите играчи во светот ми дадоа верба, ја подигнав самодовербата за да можам да играм против секој противник. Сакам да играм под притисок и, како што велат тренерите и искусните играчи, нема шампион ако нема притисок“, вели 23-годишниот голман на Вардар, за сајтот на ЕХФ.
Милосављев вели негова најголема желба е да стане европски првак во Келн.
„Триумф на Ф4 турнирот е сон на секој ракометар. Многу сум среќен што ќе бидам дел од овој турнир, да видам како тоа изгледа. Мојата желба е да станам шампион во Келн. Желбата за победа и одличниот квалитет и искуството на играчите се заштитен знак на Вардар. Вистинските херои се раѓаат кога се соочуваат со тешки ситуации и можам слободно да кажам дека моите соиграчи се најголемите херои што ги познавам“, додава оптимистички, Милосављев.