Милвоки е во страшна серија од 11 победи по ред, пред Јанис и соиграчите падна и најдобриот тим во НБА (Видео)

Кошаркарите на Милвоки бакс во дуелот на двете најдобри екипи во НБА-лигата со 131:125 по продолжението од пет минути го совладаа Бостон селтикс.

Ова беше 11-та победа по ред за Милвоки, додека Бостон и покрај поразот, остана екипа со најдобар учинок во НБА-лигата со 41 победа и 17 порази. За Бостон поради повреди не играа двајцата најдобри кошаркари, Џејсон Тејтум и Џејлен Браун.

И со ослабен тим, Бостон му зададе големи проблеми на Милвоки, се држеше до самиот крај дури и кога Џру Холидеј реализира две слободни фрлања на седум секунди до крајот на регуларниот дел за водство на Милвоки од 116:113.

Но, Бостон не се предаде, Хаусер погоди тежок шут за три поени и го однесе натпреварот во продолжението од пет минути во кое играчите на Милвоки сепак го добија со 15:9. Џру Холидеј беше најпрецизен кај Милвоки со 40 поени, Јанис Адетокумбо имаше дабл-дабл од 36 поени и 13 скокa, на кои им продаде и 9 асистенции. Кај Бостон, најдобри беа Дерик Вајт со 27 поени и 12 асистенции и Малколм Брогдон со 26 постигнати поени.

Феникс санс иако настапи без олстар-засилувањето Кевин Дурaнт, со 120:109 го совлада Сакраменто кингс. Девин Букер со 32 поени ја предводеше листата на најдобри стрелци кај Феникс, каде што се истакна и центарот Деандре Ејтон со 29 поени и 11 скока. Кај Сакраменто, прво име беше Деарон Фокс со 35 постигнати поени.

ЛА клиперс во дербито на Западот со 134:124 го победи актуелниот шампион Голден стејт вориорс, за кого не настапи Стеф Кари. Блескаше Кавај Ленард со 33 поени, притоа погодувајќи седум тројки од девет обиди, додека кај Воините, Џордан Пул постигна 28 поени.

Резултати: Милвоки – Бостон 131:125 (прод.), Торонто – Орландо 123:113, Феникс – Сакраменто 120:109, ЛА клиперс – Голден стејт 134:124, Портланд – Вашингтон 101:126.

- Оглас -

Најнови вести