Милвоки прв обезбеди плејоф, Лејкерс погоди 15 тројки во едно полувреме, Денвер реди порази

Со победата од 116-104 на гостувањето кај Феникс санс, тимот на Милвоки бакс дојде до 50-тиот триумф сезонава во НБА-лигата и стана првиот тим кој обезбеди учество во разигрувањето за титулата.

Регуларната сезона во најсилната кошаркарска лига на светот ќе заврши на 9 април, а Елените речиси еден месец претходно си обезбедија плејоф и може малку порелаксирано да ги одиграат последните 13 меча, на кои ќе бркаат обезбедување на првото место на Истокот и предност на домашен терен во целиот плејоф.

Јанис Адетокумбо даде 36 поени, а стана и 116-тиот играч во историјата на Лигата со 16.000 поени.

Полувреме за паметење имаше Лос Анџелес лејкерс во победата над Њу Орлеанс пеликанс од 123-108. Езерџиите во првото полувреме погодија дури 15 тројки (од 27 обиди) и тоа е нивен клупски рекорд. Лејкерс е деветти на Западот, но има ист биланс како осмиот Далас маверикс, па ќе се води голема битка кој да оди директно во плејоф, а кој ќе мора во плејин.

Најдобриот тим на Западот, Денвер нагетс, загуби и од Торонто репторс, што за Грутките е четврти пораз едноподруго. Никола Јокиќ (заврши со 28 поени) и другарите тргнаа лошо, во првата четвртина примија дури 49 поени (клупски рекорд на канадскиот тим), и тоа го најави поразот од 110-125. Денвер на три меча по ред прима над 120 поени.

- Оглас -

Најнови вести