Победата на Минесота над Мемфис од 141-125 внесе уште поголема драма на табелата во Западната конференција во НБА-лигата, па на два меча до крајот на регуларната сезона, ситуацијата е ептен замрсена.
Ентони Едвардс ги уништи Гризлис со 44 поени за три четвртини и беше јунак на натпреварот. Во третата четвртина Шумските волци постигнаа 52 поена, што е рекорд во НБА-сезонава.
Третиот ЛА лејкерс има само една победа повеќе од четвртиот ЛА клиперс и петтиот Денвер, а потоа следува група од три тима коишто имаат една победа помалку од Клиперс и Денвер, што значи дека и моментно осмиот Голден стејт теоретски може да се пробие до плејофот и тоа да има и домашна предност во првото коло.
На Истокот, Индијана и Милвоки дојдоа до своите шести победи едноподруго. Пејсерс беа подобри од Кливленд со 114-112, а Бакс го поразија Њу Орлеаснс со 136-111. Детроит го совлада Њујорк со 115-106 и им се закани на Никси, кои најверојатно ќе бидат нивен противник во првото коло од плејофот со оглед на тоа дека Њујорк е трети, а Детроит шести на Истокот.