Минесота со чудесна последна четвртина до победа, Јанис и Лилард незапирливи (Видео)

Милвоки без многу проблеми славеше над Јута со 123:100 во еден од трите натпревари кои ноќеска се одиграа во НБА-лигата. Домаќините добро го започнаа мечот и поведоа со 21:11, но Јута возврати во втората четвртина и во еден момент Џезерите имаа предност од 45:35.

Тоа како да беше знак за Милвоки да заигра поагресивно, па следуваше низа од 12:0 за домаќините повторно да го преземат водството. Сепак, на полувреме Јута водеше со 61:57. Неизвесно беше до средината на третата четвртина (70:71), кога Милвоки со серија од 17:1 стигна до 87:72 и едноставно ги откажа гостите кои до крајот ниту еднаш не намалија под 10 разлика.

Дамијан Лилард со 34 поени и Јанис Адетокумбо со 31 поен беа предводници на победничкиот тим, а одличен беше и Портис со 19 поени. Кај Јута најпрецизен беше Кларксон со 18 поени.

Домашниот терен го искористи и Сан Антонио, кој со 118:105 славеше над Портланд. Уште во првата четвртина Сан Антонио стигна до двоцифрена предност (33:22) и потоа домашниот тим до крајот на средбата не дозволи Портланд да поведе, па Спарси на крајот стигнаа до четвртата победа во деветиот меч, додека Портланд остана само на три победи во девет дуели сезонава.

Најзаслужни за победата на Сан Антонио беа Ајтон и Грант со по 21 поен, а Симонс додаде 19 поени. Кај гостите најефикасни беа Брахам и Џонсон со по 17 поени.

Единствената победа на гости ја забележа Минесота, и тоа на теренот на Чикаго со 135:119. Чикаго водеше речиси во текот на целиот меч, а на крајот убедливо загуби. Во првите три четвртини домаќините често имаа двоцифрена предност (најмногу 13 разлика), но Минесота не само што не се предаде, туку во последната четвртина направи чудесен пресврт.

Со 106:101 водеше Чикаго во последната четвртина, кога започна шоуто на гостите.  За кратко време Минесота со серија од 27:6 стигна до 128:112 и тогаш беше јасно дека гостите ќе се радуваат на победа.

Кај победничкиот тим најефикасни беа Ентони Едвардс со 33 поени, Џулијус Рендл со 22 и Руди Гоберт со 21 поен. Кај Чикаго најпрецизни беа Никола Вучевиќ со 25 поени и Коби Вајт со 24 поени.

- Оглас -

Најнови вести