Минхен ја чува традицијата: И петтипат трофејот е за екипа која претходно не ја освоила ЛШ

Финалето од Лигата на шампионите по петтипат се играше во Минхен и по петтипат до трофејот дојде екипа, која претходно го немаше освоено. Оваа традиција започна во далечната 1979 година, кога Нотингем форест дојде до својот прв трофеј од Лигата на шампионите, откако во финалето на „Олимпискиот стадион“ славеше над Малме со 1-0.

Во 1993 година иста ситуација, на истиот стадион. Олимпик Марсеј дојде до историската титула од Лигата на шампионите со победа од 1-0 над Милан. Само четири години подоцна на „Олимпискиот стадион“ во Минхен историја испиша и Борусија Дортмунд со победата над Јувентус од 3-1.

Во 2012 година првпат се играше на „Алијанц арената“, а Челзи после подобро изведување на пенали го победи Баерн Минхен со 4-3, откако во регуларниот дел и после продолженијата резултатот беше 1-1, па така дојде до својот прв трофеј во Лигата на шампионите.

И конечно, оваа 2025 година, своја историја во Минхен испиша и ПСЖ и тоа не на било каков начин, туку со најубедливата победа во историјата на финалните натпревари во Лигата на шампионите од 5-0 против Интер.

Финалиња на Лигата на шампионите играни во Минхен:

1979 Нотингем форест – Малме 1-0
1993 Олимпик Марсеј – Милан 1-0
1997 Борусија Дортмунд – Јувентус 3-1
2012 Челзи – Баерн Минхен 1-1; 4-3 на пенали
2025 ПСЖ – Интер 5-0

- Оглас -

Најнови вести