Бојан Миовски беше херој на Ренџерс во убедливата победа од 3-6 на гостувањето кај Фалкирк во шкотската Премиер лига.
Македонскиот напаѓач влезе во игра на полувремето и со два постигнати гола одигра клучна улога во пресвртот на својот тим, кој во првото полувреме имаше негатива од 2-0.
По натпреварот, Миовски не го криеше задоволството од својот настап и придонесот за победата.
„Како напаѓач секогаш сакаш да му помогнеш на тимот. Секогаш сум подготвен и денес успеав да помогнам со два гола, што ме прави многу среќен. Се чувствувам добро, имам три гола на последните два натпревари и тоа ми носи дополнителна самодоверба“, изјави Миовски.
Тој нагласи дека клучен момент бил погодокот пред крајот на првото полувреме, кој му дал енергија на тимот за пресврт.
„Во првите 40 минути не игравме добро, но голот пред паузата беше многу важен. Покажавме карактер, како и многупати оваа сезона. Ова е лига во која секој натпревар е тежок и мора да одиме чекор по чекор“, додаде македонскиот репрезентативец.
Со оваа победа, Ренџерс останува во сериозна трка за шампионската титула, а добрата форма на Миовски може да биде клучна во завршницата од сезоната.

